Skip to main content

Пранајама 7 – Вовед во Нади Шодан

By April 5, 2014April 20th, 2014Фељтон

,,Кога го совладаме дишењето, владееме со мислите,, Махариши Махеш Јоги

За да се искористи најдоброто и максимумот од дишењето а особено од техниките на пранајама, на веќе створената позитивна навика на комплетно јога дишење, како вовед во пранајама секојдневно, редовно и прогресивно треба да се работи НАДИ ШОДАН.

Таа преставува особена и необично важна пранајама. Зборот ШОДАН е поим на Санскрит и значи чисти, прочистува. Според тоа НАДИ ШОДАН е пракса на пранајама со кои се прочистуваат и чистат енергетските канали – надите. Само прочистени и чисти нади се услов за искорисувањето на најдоброто од дишењето и праната. НАДИ ШОДАН како техника треба да се работи постојано и секојдневно. Таа на тој начин пререраснува во пракса за витализација на праничната енергија.

Прочистувањето на праничните канали со Нади Шодан, една од техниките на пранајама, во секојдневниот живот внесува дисциплина и свесност кога низа работи и процеси ги работиме и изведуваме нагонски, механички или автоматски. НАДИ ШОДАН е техника која има тројна функција. Ако упорноста во нејзиното изведување стане секојдневна навика тогаш и благодетите и користа од редовната пракса ќе се втемелат во нашите животи, а здравјето и хармонијата ќе го исполнат секојдневието.

Таа како редовна пракса ја враќа виталноста и животната енергија во нашите тела. Нуди можност практикантот да дојде до искуства кои ќе најдат примена во решавање на разни животни проблеми и ситуации. Кај луѓето со веќе постоечки проблеми, особено од ментална природа редовната и систематска пракса на НАДИ ШОДАН, ја враќа самодовербата и внатрешната духовна сила да се надминат физичките и менталните проблеми. Таа е една од ретките техники со чија редовна пракса на духовен план, спонтано и природно ја буди КУНДАЛИНИ – заспаната скриена енергија во муладхара чакра и сосем спокојно ја подигнува низ шушумна нади – главниот енергетски канал до сахасрара.

Благодетите од НАДИ ШОДАН се манифестираат како здравје и виталност на физички план до искуства со спиритуална димензија како резултат од редовната пракса по јога, со техниките на пранајама а особено како искуства на длабока медитација. Затоа на праксата на НАДИ ШОДАН треба да и се пријде сосема отворено и да се прифатат советите и упаствата од искусен учител и долгогодишен практикант во јогата, кое личното искуство го пренесува како пракса која се стекнува само со редовност, постојаност и отвореност.

НАДИ ШОДАН како и останатите техники на пранајама се практикуваат во удобна седечка положба, кога телото треба да остане стабилно, неподвижно и исправено. Едно од правилата на пранајама а особено во НАДИ ШОДАН е: дишењето да биде нечујно и бешумно. Здивот да биде слободен и не по секоја цена тој да трае долго, туку должината на здивот и неговото времетраење да биде одраз на искуство и пријатност од процесот на дишење. Како се напредува во техниките на НАДИ ШОДАН, здивот на вдишување и здивот на издишување, а особено задржаниот здив се продлабочува да граница на пријатност.