Skip to main content

Пранајама 8 – Нади Шодан Пракса

By April 5, 2014April 20th, 2014Фељтон

,,Кога сите нади и чакри кои се нечисти се прочистат, тогаш практикантот е способен да ја задржи праната,, Хатха јога прадипика

Контролата на здивот низ ноздрвите се прави со посебна мудра на десната рака поставена пред лицето позната како ПРАНАЈАМА МУДРА или уште и наречена НАСИКАГРА МУДРА. Со палецот се затвора десната а со домалиот прст левата ноздрва. Показалецот и средниот прст исправени се потпираат во центарот на челото меѓу веѓите. Левата рака се потпира на коленото со нежен допир на врвот на палецот и показалецот со дланката свртена кон горе или кон коленото во познатите ЧИН или ГЈАН МУДРА.

Откако се седне во една класична седечка положба: сукхасана, ардха падмасана, ваџрасана или најдобро во сидхасана или во падмасана, особено се внимава горниот дел на телото да биде исправен, главата вратот и грбот да се поставени во една линија а рамењата, лицето, стомакот и перинеумот да се опуштени и очите затворени. Тогаш спокојно са започнува со НАДИ ШОДАН. Тоа е пракса која има постепеност и развој во совладување на техниките на дишење: од почетно ниво до напредни техники на конторлиран здив. Секој степен на НАДИ ШОДАН се работи минимум три месеци кога се совладува и се усовршува техниката. Во следниот степен се заменува со понапредна техника.

Се започнува со воведна техника на НАДИ ШОДАН. Откако се отпушти телото во седечка положба и се смири дишењето се подига десната рака во пранајама мудра се затвора со палецот десната ноздрва и на почетокот се следи комплетно јога дишење низ левата ноздрва во времетраење од пет минути. Потоа истата техника се практикува и низ десната ноздрва со затворена лева ноздрва со домалиот прст. Ова е еден циклус и на почетокот се практикуваат три а покасно до седум циклуси. Дишењето треба да биде тихо и смирено.

Во следната фаза на НАДИ ШОДАН, вдишувањето започнува со левата ноздрва а се издишува низ десна ноздрва исто во еден временски период од неколку минути. Потоа во вториот дел од овој циклус дишењето е обратно се вдишува од десна а се издишива низ лева ноздрва ист број како и во првит дел. Така се продолжува со НАДИ ШОДАН потоа внесувајќи го и задржаниот здив после издишување односно по вдишување.

Со КУМБАКА – задржаниот здив како составен елемент на НАДИ ШОДАН, дишењето покрај енергетска димензија добива спиритуална димензија и се внесуваат специјални јога техники познати како БАНДХИ – мускулно-психички блокади, кои ја блокираат и насочуваат енергијата низ шушумна нади. На овој начин НАДИ ШОДАН добива една целосна и комплексна димензија ширејќи го својот ефект од грубите димензии на телото до суптилните нивои на свеста. Практикантот чуватвува нежност, пријатност и леснотија од ,,игрите со здивот,,.

И оние кои го стекнале искуството од НАДИ ШОДАН да уживаат во дишењето, да се отпуштат со процесот на дишење, да ги прочистат надите – енергетските канали и да ги почуствуваат позитивните ефекти од дишењето, знаат дека секој напредок во пранајама е развој што се одвива свесно, контролирано и природно. Секој одговорен и дисциплиниран практикант по јога на овој начин се исполнува со здравје, мир, спокој и совесно си го води својот живот во радост, среќа и хармонија.