Skip to main content

Јога за ‘Рбет 4 – Болки во Грбот

By April 5, 2014Фељтон

,,Што и да замисли умот, тоа може и да се оствари,, К. Стоун

Разните медициски испитувања и статистички истражувања покажуваат значително процентуално зголемување на се позачестените непријатности и болки во грбот. Тие во последните години добиваат димензија на масовност кај светската популација слично како хронични експанзии на настинки. Во последните години се побројните се разните деформации, болки во ‘рбетот, коските и зглобовите кои успешно се санираат, надминуваат и совладуваат со јога.

Модерното, денешно време донесе ограничена физичка подвижност на луѓето. Тие седнати во комфор и пријатност, најчесто неправилно го држат телото, движењата им се минимални или ненадејни, со нагли свиткувања, станувања или подигања. Спиењето или стоењето е во неправилна положба и ова се главни причина за бројните тегобности во пределот на грбот. Овие болки повеќе се нагласуваат со носење несоодветна сезонска или тесна облека, торби за на рамо, чевли.. Особено кај жените носењето на трендовски чевли со високи потпетици, кои во комбинација со зачестената појава на рамни табани ги прави мускулите склони кон истегнувања дури и при минимални движења, најчесто при наведнување, станувања или при подигање на терет.

Сите овие неправилни и зачестени движења во подолг временски период ги ослабуваат мускулите на стомакот и половината. Зголемената телесна тежина и големато масно ткиво во пределот на стомакот и колковите доведува до слабост на стомачните мускули кои постепено со континуираниот притисок на грбот доведува до деформација на ‘рбетот и нова, неправилна телесна положба. Заради слабите стомачни и мускули на половината, органите сместени во стомакот го нагласуваат притисокот кон напред со што повеќе го напрегаат ‘рбетниот столб.

Затоа во јогата особено во Специјализираниот јога курс: ЈОГА ЗА ‘РБЕТ се нагласува правилното држење на ‘рбетот. Посебно се обрнува внимание на правилната положба на ‘рбетниот столб, кога карлицата со зглобовите на колковите ја носат целокупната тежина на горниот дел на телото. При неправилно и лошо држење на ‘рбетот, особено на карлицата дури и едноставни, вообичаени движења предизвикуаат терет во слабинскиот дел на ‘рбетот, во нејзиниот спој со крстната коска. Тоа раѓа болки, блокади, пореметена функционалост на органите сместени во абдоменот. Современите јога коментатори нагласуваат дека денешните стресни ситуации како никогаш порано во долгата човекова историја оставаат голем а пред се негативен траг во секојдневието на луѓето.

Постојаната ментална вознемиреност а во одредени моменти нагласена, претерана и непотребна грижа, како и се поприсутна доминантна емоционална напнатост наоѓа вентил на ослободување во оној дел на човекот кој природно е слаб. Се случува тоа да се манифестира како хронично напрегање на мускулите, кое се трансформира со болки во ‘рбетот. Затоа, за да се врати насмевката на лицата на луѓето, мораме да ја вратиме содветната цврстина на мускулниот систем и правилната функционалост на ‘рбетот.

Јогата со техниките на отпуштање – релаксации а посебно со практикување на елементи од јога нидра ја ослободуваат телесната напнатост и вознемиреност на умот… Едноставните јога вежби и положби – асани во комбинација со техниките на дишење – пранајама повторно ја враќаат во рамнотежа, цврстината и подвижноста на мускулниот апарат со правилната исправеност, функционалност и подвижност на ‘рбетот.