Skip to main content

Благоја Ѓорѓиоски

02-04-1940 – 18-05-2008

На бесмртната и благородна душа на мојот татко Благоја, со љубов и благодарност од Луј Кој сум јас?… се прашуваме најчесто а многупати ги бараме и одговорите на вечните прашања: Што е тоа што не прави среќни и задоволни? Што е смислата на животот или зошто јас воопшто живеам? Има ли мигови во нашите животи кога сме обземени со вистинска среќа? Дали сме навистина среќни додека работиме или исклучиво откако добро ќе завршиме некоја работа? И тоа чувство на среќа и задовлоство колку долго не обзема.? – извесно време, неколку часа, еден-два дена… Колку денови од нашиот живот биле исполнети со радост, среќа и задоволство. Дали сме потојано мирни, опуштени и среќни? Или тоа се мигови за кои копнееме, трчаме ваму-таму барајќи ја среќата во луѓето, предметите, појавите… Дали некогаш воопшто сме ја допреле иманентноста на самата среќа? Дали сме допреле до самата суштина на нашето битие? Дали сме го отвориле нашето срце и сме допуштиле дел од светлината на нашата Суштина да го осветли целото наше битие?

Кога се отвори срцето и се слушне повикот на Вечната, Постојана и Неуништива ДУША – атма, тогаш и само тогаш ќе почне да не освојува мир, радост, спокој и среќа. Секоја вечна и неуништива ДУША – атма овоплотена во менливо и уништиво физичко тело штхула шарира е во постојано движење до конечната слобода. Тој одделен дел на поединачната ДУША – атма е дел од Неуништивата, Постојана и Апсолутна Суштина – параматма и е во постојано движење – еволуција. Секоја индивидуа, секоја поединачна – атма го минува својот евулутивен развој низ 8 милиони и 400 илјади различни битија, минувајќи од развој на форми и свест на битија кои се раѓаат од земјата и водата, преку облици овоплотени низ јајца, до суштества кои се родени. Низ долгиот евулутивен развој на свеста од неколку милиони години само најсреќните ја имаат добрата судбина – карма да бидат родени како луѓе. Старите мудреци рекле: човечкиот живот е скапоцен дијамант. И овој дар, ваквата ретка среќа треба добро и мудро да се искористи. Оти да не се лажеме, животот е општ планетарен феномен. Тој е и космички принцип од поинаква димензија. Зошто ДУШАТА, СОПСТВОТО – атмата, е иста дали е во телото на еден пајак, желка, мајмун или човек. Само постои разлика во еволутивното ниво, колку душата се наоѓа на повисоко ниво толку разумот и свеста се поразвиени и одговорноста на луѓето тука е и најголема. Затоа за нас во јогата радоста и страдањето на било кое битие се еднакви без разлика дали е тоа јагне или дете. Оти секое битие се плаши од смртта и неизвесноста на следниот миг. Само на човекот му е дадена можноста слободно да одлучува за својте постапки и тука неговата одговорност е најголема.

Луѓето сосема јасно ги насочуваат своите животи во остваррување на идеали. Кога животните постапкиво во секојдневието, се дејности за исполнување на должности: лични, семејни, професионални, духовни и кога тие обврски – дхарми се извршуваат со голема љубов и несебичност тогаш човекот е на патот на Самоспознание кое го води да Самореализација и Ослободување – мокша. И во смртниот миг, кога со последната воздишка, душата – атмата го напушта телото и во еден момент од мигот на смртта – протекува целиот живот. Во тој миг се сумира севкупниот човечки живот. Ако животот на таа личност им бил доблесен, духовен и пред се се со предаденост ги извршувал обврските – дхарма, тој човекот сосема спокојно ги затвора очите. Опуштено со последното издишивање ја враќа својата душа – атма, и таа се упатува таму од каде и дошла: до Апсолутот, Хармонијата, Вечноста до Бога. А долу го остава мртвото, физичко тело на која насмевката ќе биде иманентност за проживеаното во доблесен и дхармички исполнет живот. Душата полетува кон вечноста а спомените и сеќавањата кај останатите, ќе сведочат за неговиот живот и дела. Само такви луѓе ја надживеале смртта. Достигнале Самоспознание за себе, Блаженство – ананда за душата и вечност за името и своето постоење.

Да се биде син на Благоја, човекот со толку големо, племенито и хумано срце е скапоцен дар и среќа за мојата душа. Тоа е вистински благослов во моето катадневие, светол пример во мојот живот.

Со вечна почит, најмил мој, постојано повторувам: ПОЧИВАЈ ВО МИР, МИЛ МОЈ ТАТКО, МОЈА и НАША ГОЛЕМА, БЛАГОРОДНА, ХУМАНА и ВОЗВИШЕНА ДУШО.

Ѓорѓиоски Љубен Луј – Учител по јога