Асана 2 – Апотеоза на Асаната

By April 5, 2014 Фељтон

,,Човекот, кој на себе не може да си посвети барем еден сат на ден, не е човек,, Моше Л. вон Сасоу

Секое човеково битие има личен дневен ритам на активности. Кога во дневниот ангажман, љубопитниот поединец би нашол барем малку време кое би го посветил кон себеоткривањето, тогаш тие личности внесуваат во своите животи една возвишена и величенствена цел: Самоспознание, која ја открива смислата на човековото постоење на овој свет – Себереализацијата. Внесувањето на такви, одредени доблесни промени: позитивни навики во сопствените животи никогаш не е лесно, и нивното вметнување во секојдневието на човекот бара самодисциплина која особено се стекнува со јога пракса.

Со телесните вежби и положби: асани како дел од богатата јога пракса, секој практикант се стекнува со дисциплина на телото која прераснува во совршена контрола на секој сегмент од неговото битие. Тоа доведува до телесна опуштеност, ментална смиреност, свесна контрола на здивот и продлабочена концетрација. Започнува долг процес на самоспознание и личен развој кој значи катадневно искачување на духовните скалила.

Ова доведува до успешно совладување на секојдневните препреки кои надвиснуваат при јога праксата и во текот на секојдневните човекови активности. Она што го дава јогата, особено асаните се величенствени позитивни добивки кои се доволна причина да се остане на патот на јогата.

Сето тоа е ,,лесно достапно,, и реално остварливо со помош на снагата на волјата: ича шакти. Таа се зацврстува со секојдневната јога пракса: абјаса, која ги дисциплинира практикантите, ја зајакнува нивната волја и силата на одлучување: шанкалпа шакти. Секој вежбач на јога, кристално јасно го согледува своето минато, цврсто стоејќи и свесно делувајќи во мигот на сегашноста а никогаш не заборавајќи на крајната цел, која со секој изминат ден станува се поблиска.

Јогата во целина а особено секојдневната пракса на асаните е позитивен начин на совладување на разните телесни и ментални ограничувања, кои стануваат ,,пранги,, во катадневното делување на луѓето. Низа човекови дејствија во денешно време се вршат со минимално физичко движење и ментален ангажман, станувајќи со тек на време механичко а дури и рефлексно движења во кои скоро е исклучена свесната контрола. Човекот долго време останува закотвен на едно место, скоро неподвижен.

Така задлабочен во својата работа, тој постепено добива во телесна маса, доаѓа до крутост на зглобовите, ограничена еластичност и болки во телото, ментална вознемиреност… За таквите личности светот станува црно бел, со сиви нијанси, во кои лагата, дволичноста, егоцентичноста јасно доминираат. Потребно е само мало насочување на свесноста кон себе кое започнува со јога праксата, и тоа е доволно да човекот јасно ги согледа своите огромни физички потенцијали и неограничената духовна природа во себе. Со тоа ги допира и спознава своите навики и започнува постепена лична трансформација.

Повторно ја враќа убавината во животот, овој свет е оној ,,стариот добар свет,, богат со многу форми, виножитни бои, прекрасни звуци, рајски мириси…И се благодарение на јогата, во која се вткаени асаните: телесните вежби и положби, како костур во катадневната јога пракса – абјаса. Тие овозможуваат совршено владеење со телото, телесните функции од кои може да се црпат огромни духовни потенцијали и скриени моќи – сидхи.