Пранајама 14 – Класични Текники на Контролирано Дишење – 4

By April 5, 2014 Фељтон

,,Вежбањето е најдобриот учител,, Латинска мудрост

ПРАНАЈАМА -техниките на контролирано и свесно дишење се составен дел на сите системи и пракси по јога. Со нив здивот станува продолжен, бавен и суптилен а животот здрав, витален, духовно цврст и ментално јак.

Со упаствата за изведување на ПЛАВИНИ завршува описот на древните и класични техники на ПРАНАЈАМА, во познатиот стандарен приручник за јога: Хатха јога прадипика, дело на Сватмарама Свами. Тука набројаните техники на дишење авторот ги нарекува со општ поим: кумбака со напомена дека се тоа техники на контролирано и свесно дишење, она што денес во јогата го нарекуваме ПРАНАЈАМА. Поимот ПЛАВИНИ е изведен од санскритскиот корен плу што значи плови и плавана со значење сплав.

Таа е специфична и несекојденевна техника на ПРАНАЈАМА, многу ретко практикувана, денес скоро и заборавена. Вистински редок бисер во целокупната јога пракса. Таа овозможува практикантот да стекне способност да плови или лебди над површината на водата а телото да не потоне. ПЛАВИНИ по ефектот потсеќа на ватсара дхаути или по начинот на изведување е слична на бхуџангини мудра.

Се изведува во било која класична седечка положба прававејќи ги неопходните подготовки за ПРАНАЈАМА. Во првиот циклус пет пати едноподруго се вдишува низ нос и се проголтува воздухот слично како што се голта храна или пијалок. Овие постапки се повторуваат три пати, внимавајќи да останете физички стабилни и неподвижни во положбата оти и најмало движење ќе предизвика внесениот воздух во стомакот да ,,избега,,. Ефектот на вежбата е особено нагласен за време на пост, а таа се изведува по асаните и други техники на ПРАНАЈАМА, како завршен елемент од техниките на дишење и пред медитација.

Се препорачува да ја работаат лица што имаат проблеми со вишок на киселини во желудникот и особено помага за ослободување на гасови од стомакот. Го намалува чувството за глад и жед со што ја олеснува постапката за време на пост или диета.

Класичните техники на ПРАНАЈАМА се комплетираат со САХИТА и КЕВАЛА објаснети и опишани во Гхеранда самхита.

САХИТА значи: поврзана со, придружувана од. Таа е врвната ПРАНАЈАМА во Гхеранда самхита . САХИТА ги има сите елементи на целосна пранајама: вдишување, задржан здив и издишување. Ако во текот на дишењето се визуализира и се повторува биџа мантра: АУМ во три дела станува збор за САГАРБХА САХИТА. Таа се изведува во седечка положба: турски сед – сукха асана со лице свртени кон исток или север.Со вдишување низ лева ноздрава се повторува мантрата: А по 16 пати и се визуализира Брахма во црвена боја; потоа се задржува воздухот се прави удијана банда и се повторува 64 пати биџа мантрата: У, истовремено се концетрираме на Вишну во црна боја.

Со издишување низ десна ноздра се повторува 32 пати мантрата: М со визуализација на Шива во бела боја.. Потоа дишењето продолжува со вдишување од десна ноздрва во ист ритам. Истата ПРАНАЈАМА кога се прави без визуализација и без повторување на биџа мантра се нарекува НИРГАРБХА САХИТА ПРАНАЈАМА, кога вниманието е насочено на дишењето и неговиот ритам. Праксата на САХИТА ПРАНАЈАМА ја зацврстува и продлабочува концетрацијата, моќта за визуализација, го потпомага духовниот мир и го забрзува спиритуалниот развој.