Пранајама 15 – Класични Текники на Контролирано Дишење – 5

By April 5, 2014 Фељтон

,,Кога ќе забележите дека вашето дишење е мирно, длабоко и без никаква непотребна пауза, ќе доживеете чувство на голем поттик и радост,, Свами Рама

Постојаната грижа за себе јогините го исполнуваат со секојдневните јога вежби и таа се манифестира кај секој од нив во лично искуство. Тоа се преточува и во текот на праксата кристализира во знаење кое е вечно и неменливо: енергијата, здивот и животот се взаемно и неразделно поврзани. Редовната и континуирана пракса по јога ни укажува дека телото и умот се една целина непосредно поврзани со еден сложен и живототворен систем на космичка енергија – прана.

Таа енергија контролирана преку здивот на вдишување и издишување се интегрира во секој домен од јогата: од техниките за релаксација, преку телесните вежби и положби – асани до медитативните техники. Пранајамате е делот од јогата што го учи упорниот вежбач дека хармонијата на виталната животна енергија се регулира и свесно се управува со дишењето. Досега опишаните техники на ПРАНАЈАМА во претходните броеви ги комплетираме со КЕВАЛА објаснета и опишани заедно со САХИТА во класично дело за јогата: Гхеранда самхита.

КЕВАЛА е техника на ПРАНАЈАМА со задржан здив по вдишување: абхјантара кумбхака – внатрешна . Името на оваа техника доаѓа од санскр. збор ,,кевала,, и значи чиста, изолирана, совршена. Се работи постепено и успехот доаѓа по долгата пракса кога може да се задржи здивот долго, долго време, така да нема вдишување и издишување а да биде присутен задржаниот здив по вдишувањето .

Особено е важно пред да се почне со оваа вежба, енергетските канали: надите да бидат прочистени. Потоа се пристапува кон редовна пракса на КЕВАЛА: со бавно вдишување низ двете ноздрви се задржува здивот. Во некои школи и системи на јога по вдишувањето и задржувањето на здивот се вклучува и повторување на аџапа мантра, секој ден додавајќи по едно повторување на мантрата додека не се стигне до 64 повторувања.

Може да се појави на почетокот обилно потење а покасно е можна појава на одредени мускулни рефлекси: треперење и грчеви. Кога совршено се владее со КЕВАЛА метаболизмот се успорува и се сведува на минимум кога телото може да се доведе до состојба на хибернација дури до 40 дена . Редовната садана со КЕВАЛА овозможува уникатна коронарна профилактика со голем терапевски ефект. Таа го иницира будењето на кундалини: заспаната енергија во човекот. Оваа пракса води до посебни медитативни искуства и таа е клучот за развојот на одредени специфични ментални моќи – сидхи: видовитост, способност за претскажувања, движење – летање во воздух .

КЕВАЛА и претходните техники на ПРАНАЈАМА во кои се вклучува и задржан здив кумбхака мора да се учат под директен надзор на искусен учител по јога кој е богат со личното искуство. Тоа им овозможува на практиканите да го искористат најдоброто од секоја ПРАНАЈАМА: во однос на виталноста, здравјето, себеоткривањето и спиритуалниот развој. Така вежбањето е радост и среќа, го исполнува животот со доблести и води кон сестран развој на личноста.