Пранајама 16 – Класични Текники на Контролирано Дишење – 6

By April 5, 2014 Фељтон

,,Вистинската мисла може да го придвижи и небото и земјата,, Кинеска мудрост

Редовната, навремена и по упаства извршената пракса на дишења го води секој практикант кон сигурна цел за здрав и хармоничен живот. Независно дали вежбата е едноставна или сложена треба да се работи внимателно, стрпливо по упаства и советите на учителот по јога. Така вежбањето прераснува во суштествена и сосема природна навика а наградата е благодет на здравје, среќа и хармонија во животот. Вежбите на ПРАНАЈАМА како и останатите вежби во јогата се работаат сосема полека со нив постепено се напредува од почетно кон напредно ниво.

Понекогаш во некои вежби напредокот е побрз а за други треба стрпливост долга пракса и секојденвата вежба – садана која треба да се работи отпуштено и без брзање. Често се случува да многу повеќе имаме корист од вежба која се повторува и истата секојдневно се усовршува, отколку трчањето по повисоки степени. Тогаш се постигнува совршена контрола на респираторниот систем и стануваме господари на нашиот ум и неговите мисли. На телото и на умот им е потребно време за да се привиканат на новиот ритам на дишење, за да се прифатат и да се вградат во себе придобивките од продолжено дишење и задржанит здив.

Продлабоченото дишење има суптилно и урамнотежувачко дејство. Кога се работи долго а и со помош на умот и имагинацијата, нивната примена во секојдневието добива широки димензии. Низа техники на ПРАНАЈАМА можат да се практикуваат било каде и во било какви услови и тие вежби прераснуваат во секојдневна вежба – садана. Покрај традиционалната пракса на изведување на вежбата во некоја класична седечка положба, низа вежби можат да се практицираат и во лежечка положба, некои во стоечка или одејќи при погодни услови.

Кога ќе се стекне искуство со долга пракса тогаш многу фино ќе се покаже големата и неограничена моќ на умот. На почетокот свесната контрола на здивот низ левата и десната ноздрва се прави со затворање на десната и левата ноздрва со палецот и домалиот прст од пранајама или од нисакагра мудра. Кога праксата ќе прерасне во свесно искуството, со помош на умот ќе замислиме како здивот тече низ едната или другата ноздрва. Со тек на време по наредба на умот, значи сосема свесно ќе можеме да го насочуваме здивот низ ноздрвите или истиот свесно да го задржиме. Иако ноздрвите се отворени свесно ќе имаме контрола на движењето на здивот низ нив.

Ова продлабочено и проширено искуство со некои ПРАНАЈАМИ има големо пред се смирувачко дејство на нервниот систем. Се стекнуваме со знаење дека може да владееме со нашите чувства и да бидеме господари во разни животни ситуации, да ги надминеме стресните состојби без да другите тоа и го забележат. Општо земено техниките на ПРАНАЈАМА ни ја враќаат самодовербата, ја изоштруваат бистрината на умот, со нив се продлабочува концетрацијата, се овозможува развој на свеста и позитивните доблести. Така на секој човек преку праксата на јогата им се отвора вратата кон спознание на себе, самореализација, спиритуален развој и слобода.