Пранајама 9 – Вовед во Текниките на Дишење

By April 5, 2014 April 20th, 2014 Фељтон

,,Асаните се растенија, вежбите на Пранајама се цветови а преку цветот доаѓаат плодови,, Парамханса Свами Махешварананда

Човекот од дамнина е во вечна потрага по методите со кои ќе го зачува здравјето и виталноста а во исто време ќе го продолжи сопствениот животен век во среќа и радост. Јогата создала начини и методи кои му нудат можност на човекот да користејќи го сопственото тело, здив и свест да стигне до Изворот на бесмртноста.

Праната е тенката нит што го поврзува секое човечко битие со вечниот живот и таа е манифестација на Врутокот на животот. Преку дишењето со секој здив исполнет со прана можеме да ја почувствуваме суштината на животот. На секого јогата му дава можност и избор: да има свесно влијание на сопсвеното тело, виталните животни процеси, на квалитетот и должината на сопствениот живот преку контролирано и свесно дишење.

Значењето на дишењето а особено на свесното дишење се согледува во зборовите кои го градат поимот – ПРАНАЈАМА: ПРАНА: витална, животна енергија и АЈАМА: задржување, совладување, контролирање. Тоа се техники на дишење во јогата. Со нив се контролира здивот а со тоа и движењето на животната, витална енергија – праната во телото. Со дишењето, праната преку енергетските канали – нади стигнува до секој дел од човековото тело и во исто време го спојува духот и свеста.

ПРАНАЈАМАТА е составен дел на секоја јога пракса. И таа ќе ги даде вистинските резултата само ако енергетските токови – надите се прочистени и умот е смирен. Со успешно владеење на комплетното јога дишење и со НАДИ ШОДАН – техниките на прочистување на енергетските токови – надите, секој практикант може полека успешно да навлегува во откривање на тајните на ПРАНАЈАМАТА. Таа во класичната Патанџалиева осумчлена – Аштанг јога го преставува четвртиот член – принцип и тука ПРАНАЈАМАТА се користи за да го подготви духот за Дарана – концетрација, Дјана – медитација и Самади а во исто време преку нив за постигнување на Сидхи – натприродни моќи.

Митскиот јоги Патанџали, во неговите ЈОГА СУТРИ, ја опишува ПРАНАЈАМАТА како контрола на дишењето што се постигнува со задржување на здивот – вјана (денес во јогата се нарекува кумбака). Ако здивот биде задржан после издишување тој во јогата се нарекува надворешен здив – БАХЈА ; кога здивот е задржан после вдишување станува збор за внатрешен – АБХЈАНТАРА; и ако здивот стихијно и спонтано е задржан без вдишување и издишување се нарекува ЧАТУРТА. На овие три принципи на задржан здив според Патанџали покасно е додаден и четвртиот начин, кога задржаниот здив доаѓа после многу претходни свесни вдишувања и издишувања и се нарекува СТАМБХА.

Според Јога Сутрите: основно за ПРАНАЈАМА е задржаниот здив – вјана, кој преставува пауза кон наредниот свесно воден здив. Тогаш може да се има контрола на времетраењето на задржаниот здив – кала т.е матра; на бројноста на задржан здив во еден циклус -санкхја и местото кое праната го минува при издишувањето – деша, а единична мерка е прст – ангула. Редовната ПРАНАЈАМА со текот на времето прераснува во постојана јога садана.

Кога здивот свесно се следи при секое вдишување и издишување неговото времетраење се зголемува. Тогаш здивот станува продолжен и суптилен и тоа овозможува постепено да станеме господари на својте мисли преку контролата на здивот и праната.