Skip to main content

Атма – 3 – За Душата

By April 5, 2014Фељтон

,,Животот е … предизвик – престретни го! …борба – прифати ја!,, Свами Шивананда

Човекот не е само физичко тело, збир на коски, мускули, течности … туку тој е сложено битие од низа проникнати тела (четири ), со различна стурктура, кое започнува со елементите на грубото физичко тело до најсложените слоеви на умот. Длабоко зад физичката и менталната пројавност на поединецот, вгнездена во длабочината на срцето, надвор од допирот на сетилата престојува нашата вистинска суштина, нашето вистинско Јас. Вечната, иманентна суштина, сведокот на севкупното постоење едноставно наречена: душа.

Различни духовни учења и мислители, овој вечен, неменлив принцип кој ја детерминира суштинската, витална идентичност, го определувале на различни начини. Но секогаш суштината на поимот останувал иста: чиста суштина, вечен и наменлив Принцип, во јогата наречен атма. Кога оваа ,,витална: живототворна сила,, ја определува индивидуалната суштина кај секое битие станува збор за џива-атма. Значи зборуваме за индивидуалното Јас, или Овоплотената душа кај поединецотот, на Санскрит наречена џива-атма. Таа е индивидуалниот принцип, а на другиот крај како противтежа е,,Врховното Јас: Врховен космички принцип,, или БОГ наречен параматма.

Џива-атма или индивидуалната душа ја преставува основната духовна манифестација во Космичката креација. Таа во суштина е крајната неделива единица: атом, осносно основен градбен елемент, кој е во основата на целата груба или фина материја во целокпната Вселена. Секој космички облик проникнат е со силата на душата: атмата. И ние човечките битија го имаме тој постојан, негасив пламен на Вечноста. Нашата душа е боженствената искра која се манифестира насекаде низ Космосот, и нејзините различни форми во овој или оној облик се само боженствена игра, нејзината суштина која може да биде разбрана само во медитација.

Познато е дека неуништивиот принцип на животот атмата пулсира низ целата Природа. Не се само луѓето исполнети со Вечна суштина, туку се околу нас е водушевено со вечниот принцип на животот атмата – душата. Таа ги проникнува и животните и растенијата. Дури и во камењата постои ,,заробена душа,,. Но треба да се знае дека, кај пониските облици на живот, растенија и нижите животински облици, душата е на пониско евулутивно ниво и суштествува според груби кармички закони: по еден груб, општ, зададен план.

Само Битијата родени како луѓе, можат да си го постават прашањето: зошто се родени и која е смислата на нивниот живот. Човечкиот живот е скапоцен дијамант, подарен на ретки среќници и таа можност треба да ја искористи секој. Човекот може и мора од дадената еволутивна можност да се реализира себе, да излезе од вечнит круг на раѓање и умирање. Преку секојдневна духовна пракса: јога и медитација, човекот може да се спознае и да достигне бесмртост и слобода: џиванмукти уште за време на својот живот.